Биолошка разновидност

Во околината на нашите хидроцентрали и по течението на реките чија вода ја користиме, постои разновидна флора и фауна, вклучувајќи и одреден број ендемски видови. Искористувајќи го потенцијалот на водите, во исто време се грижиме да не ја нарушиме животната заедница на животните и на растенијата.

За сите наши хидроцентрали се изготвени соодветни студии за процена на нивното влијание врз животната средина. Тие документи недвосмислено укажуваат на тоа дека со постоењето на хидроцентралите нема да се случат значителни негативни промени во животните заедници.

При процесот на производство на електрична енергија што се одвива во хидроцентралите и во нивните составни елементи не се користат други ресурси на енергија освен водата, па со тоа не се создава никаков отпад. Дури хидроцентралите овозможуваат и чистење на реките од постојниот цврст отпад, кој се отстранува пред турбините заради нивна безбедна работа. При управувањето со ваквиот отпад, внимаваме неговото отстранување да биде на начин прифатлив за животната средина, со што ќе се обезбеди висок степен на заштита на здравјето на луѓето и на биодиверзитетот. За управувањето со ваквиот отпад што се зафаќа пред хидроцентралата, се води прецизна евиденција.

Освен за живиот свет во реките, имаме одговорност да внимаваме и на живиот свет што се наоѓа по долината на реките. При процесот на производството на електрична енергија во овие хидроелектрани нема појава на дифузиони емисии од испарувања во воздухот или истекувања на хемикалии или масла во водата. Секој дел од нашите хидроелектрани е соодветно заштитен и ограден, со што значително е намален ризикот за опасност по животната заедница во речната долина.

Сите хидроцентрали се опремени со систем за автоматско водење, кој во случај на хаварија, какви што се поплава или пожар, автоматски ја исклучува централата.

Во сите хидроцентрали се обезбедува испуштање на потребното количество вода по течението на реките, со цел да се обезбеди доволно вода за целокупната флора и фауна што егзистира во водата и покрај реките. Во тек е и проект за изградба на рибни патеки по примерот на постојните рибни патеки во хидроцентралите на ЕВН Австрија, кои ги задоволуваат највисоките европски стандарди. Со изградба на овие рибни патеки ќе им се овозможи на рибите да се движат пред и по зафатот, така што постоењето на хидроцентралата нема да претставува проблем за нивно мигрирање. Во наредните 3 години треба да се изградат 4 рибни патеки, и тоа на хидроцентралите Белица, Бабуна, Песочани и Дошница.

Линкови

ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје
ул. Лазар Личеноски 11
Скопје 1000 Северна Македонија
тел. +389 (0)2 3205 000