ХЕЦ Калиманци е изградена на вештачкото езеро Калиманци, со зафаќање на водите на реката Брегалница, на територијата на општината Македонска Каменица.
Пуштена е во погон во 1969 година со инсталирана моќност од 12,5 MW и претставува дел од хидросистемот „Брегалница“. Основната намена на езерото е наводнување на околу 28.000 ha, главно површини под ориз во Кочанската Котлина, но и на дел од обработливите површини во Овче Поле. За таа цел се изградени два канала, од кои десниот е долг 98 km и водата ја носи до Овче Поле, а левиот е долг 36 km и ги наводнува површините во Кочанско Поле. Претходно водата се користи за производство на електрична енергија преку изградената хидроцентрала Калиманци.
Браната на ХЕЦ Калиманци е камено-насипна со глинено јадро, висока 92 m, а долга 240 m. Езерото има должина од 14 km, широко е 0,3 km, а максималната длабочина достигнува до 80 m. Зафаќа површина од 4,23 km2 и акумулира 127 милиони m3 вода. Преливот на браната е лоциран од десната страна на брегот на акумулацијата Калиманци и има површински карактер со капацитет од 900 m3/s. Постои и преливен канал за евакуација на вода во случај на поплава. Водата од акумулацијата Калиманци до машинската зграда се пренесува преку доводен тунел со должина од 430 m и цевковод со должина од 80 m, кој се дели на две цевки за двете турбини одделно. На цевките за двете турбини постои пеперуткаст турбински затворач. Протокот на вода во тунелот изнесува 18 m3/s.
Во машинската зграда на ХЕЦ Калиманци се сместени командната просторија, две „Францис“ турбини со вертикална оска што придвижуваат два синхрони генератори со статичка возбуда и инсталирана моќност од 6,9 MW. Излезниот напон од генераторите е 6,3 kV и преку трансформатор 6,3/35 kV електричната енергија се пренесува до разводната постројка, која се наоѓа во истата зграда од каде што преку 35 kV далноводи се пренесува до Виница, Делчево, Македонска Каменица и преку трансформатор 35/10 kV и 10 kV далновод се пренесува до околните села. По извршувањето на работата низ турбинското коло, водата преку одводниот канал се влева во реката Брегалница.
Годишното производство на електрична енергија изнесува 26 GWh.
Нето пад |
80 m |
Проток |
18 m3/s |
Тип на турбина |
Францис турбина со вертикална оска |
Тип на генератор |
Синхрон генератор со статичка возбуда |
Инсталирана моќност |
13.8 MW |
Коефициент на ефикасност |
>90% |
Просечно годишно производство |
26 GWh |
Најголемиот хидролошки објект на територијата на општината Македонска Каменица е езерото Калиманци, кое има волумен од 127 милиони m3. Во него се влеваат Каменичка Река – која тече и низ градот Македонска Каменица, како и Луковичка и Рибничка Река и потоа водата се одлева во реката Брегалница.
Реката Брегалница е најголема лева притока на реката Вардар. Во горниот тек, каде што се позиционирани браната и хидроелектричната централа Калиманци, реката Брегалница имала пороен карактер, но со изградбата на браната се постигнал инверзен и рамномерен проток.
Во водите на акумулацијата Калиманци, ихтиофауната е составена од поголем број видови риби, меѓу кои: крап (Ciprinus Caprio), сом (Silurus glanis), црвеноперка (Rutilus rutilus), костреш (Perca fluviatillis), клен (Leiuciscus Cephalus), скобуст (Chondrostoma nasus), сончарка (Lepomis gibbosus), лињак (Tinca Tinca). Природните мрестилишта на крапот, кленот, скобустот и црвеноперката се наоѓаат, пред сè, на благите терени во средишниот дел на акумулацијата Калиманци. Природните мрестилишта на сомот се наоѓаат најмногу во горниот дел на акумулацијата, на почетокот на формирањето.