ХЕЦ Пена е лоцирана на реката Пена во општината Тетово, во северозападниот дел на Република Македонија, во Полошката Котлина.
Таа е првата хидроцентрала во Македонија, пуштена во работа во 1926 година. Централата работела сѐ до 1979 година кога е оштетена во поплавите од реката Пена. Реконструирана е во периодот од 1980 до 1984 година кога повторно е пуштена во работа со моќност од 2,5 MW. Последната реконструкција е направена во 2008 година кога централата е целосно автоматизирана, при што е зголемен и нејзиниот инсталиран капацитет.
Зафатната градба на ХЕЦ Пена е лоцирана на околу 12 km низводно од сливот на реката Пена во Вардар. Зафатот е страничен, со вертикална груба решетка со која се зафаќа покрупниот материјал што го носи реката. Зафатот за ХЕЦ Пена зафаќа количина на вода од 5 m3/s, а преливната количина на вода е 200 m3/s. Протокот на вода во зафатот се регулира со таблести затворачи кон таложникот и преку доводниот тунел со должина од 1 km водата се транспортира во водната комора, а од комората преку челичен цевковод со должина од 150 m водата се транспортира до машинската зграда.
Машинската зграда е лоцирана на левиот брег на реката и во неа се наоѓа машинската просторија во која се поставени две Францисови турбини со хоризонтална оска. Номиналниот проток на едната турбина изнесува 2 m3/s, а на другата 3 m3/s. Овие турбини придвижуваат два синхрони генератори со вртливи диоди соодветно така што едниот генератор има инсталирана моќност 1,3 MW, а другиот 2 MW. Излезниот напон на овие генератори е 6,3 kV. Понатаму преку трансформатор 6,3/35 kV и далновод 35 kV се пренесува до Тетово. Дополнително преку трансформатор 35/10 kV енергијата се пренесува кон Шипковица и Селце.
По искористување на енергетскиот потенцијал на водата од турбините, водата се води во одводниот канал каде што се испушта во речното корито.
Просечното годишно производство на електрична енергија изнесува 13 GWh.
| Нето пад |
72 m |
| Проток |
5 m3/s |
| Тип на турбина |
Францис турбина со хоризонтална оска |
| Тип на генератор |
Синхрон генератор со вртливи диоди |
| Инсталирана моќност |
3.3 MW |
| Коефициент на ефикасност |
>90% |
| Просечно годишно производство |
13 GWh |
На просторот околу локацијата на ХЕЦ Пена се застапени повеќе видови шумски заедници, претежно насадите на даб и на бука. Од ендемските видови се застапени одредени кои имаат балканско распространување, а и локални ендемити. Во поглед на фауната се застапени разни видови инсекти, водоземци, влечуги, птици и цицачи.
Во горните делови на големиот број планински водотеци се среќава пастрмката од фамилијата Salmonide, поточно еден вид поточна пастрмка. Во средишните пониски текови се среќаваат кленот и мрената.