ХЕЦ Белица

ХЕЦ Белица е мала хидроелектрична централа што се наоѓа недалеку од градот Кичево. Лоцирана е на Беличка Река во општината Другово, во западниот дел на Република Македонија, во сливното подрачје на реката Треска, под прекрасните падини на Илинска Планина.

Првата електрична централа на реката Белица е изградена по Втората светска војна и е една од најстарите хидроцентрали во регионот. Оваа хидроцентрала ги снабдувала во прво време селата Белица и Козица. Подоцна, во 1985 година е изградена посовремена хидроцентрала веднаш над селото, која и денес е во употреба.

Зафатот на оваа хидроцентрала е лоциран на 1100 метри низводно до машинската зграда. Тој е тиролски, изграден од армиран бетон. Ширината и висината на преливниот праг се 6,2 m и 1,5 m соодветно. Капацитетот што овој зафат може да го задржи е 600 l/s. Од зафатот преку бетонски цевковод водата се транспортира до водната комора, а оттаму преку челичен цевковод се носи до машинската зграда.

Во машинската зграда има една Францисова турбина, која придвижува асинхрон генератор со инсталирана моќност од 250 kW. Делувањето на регулаторот на проток е со хидрауличен систем. По искористувањето на енергетскиот потенцијал на водата од турбината, водата се води во одводна вада од каде што се испушта повторно во Беличка Река. Излезниот напон на генераторот е 0,4 kV. Електричната енергија до крајните корисници се пренесува преку еден далновод 0,4/10 kV ДВ Белица.

Просечното годишно производство на оваа хидроцентрала изнесува 1 GWh.

Нето пад 46.63 m
Проток 0.6 m3/s
Тип на турбина Францис турбина со хоризонтална оска
Тип на генератор Асинхрон генератор
Инсталирана моќност 250 kW
Коефициент на ефикасност 82%
Просечно годишно производство 1 GWh

Белица е доста богата со вода и покрај многубројните извори се наоѓаат и врелата на две реки што се слеваат во една и ја оформуваат Беличка Река, која во близината на селото Другово се влива во Велика Река (Треска).

Линкови

ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје
ул. Лазар Личеноски 11
Скопје 1000 Северна Македонија
тел. +389 (0)2 3205 000