ЕВН Македонија ја изгради првата фотонапонска централа од двострани панели во Македонија

04.12.2020

Првата фотонапонска централа во земјата која истовремено произведува електрична енергија од сонцето и од одблесокот на светлината се инсталираше во Неготино од страна на ЕВН Македонија.

Оваа централа е дел од најсовремените светски технологии, направена од т.н. бифацијални панели кои во горниот дел ја акумулираат директната сончева светлина, додека во долниот дел го акумулираат одблесокот на светлината од рефлектирачкиот материјал дополнително поставен под панелите. Оваа централа се изгради во рекорден период од помалку од 4 месеци.

По повод официјалното отворање на централата, присутни беа Премиерот на Република Северна Македонија - г. Зоран Заев, министерот за економија - г. Крешник Бектеши и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија - г. Штефан Петер. „Оваа фотонапонска централа е резултат на плодната соработка меѓу државниот и приватиот сектор. Горди сме што нашата компанија вложува во проекти кои се наменети за заштита на животната средина и особено за намалување на загадувањето. За рекордни не полни 4 месеци, успеавме да направиме позитивна промена во насока на подобра енергетска иднина на земјата и за здравјето на нашите граѓани.“ рече г. Петер. Министерот за економија, г. Бектеши зборуваше за важноста на инвестициите во делот на обновливите извори на енергијата и поддршката која константно се добива од ЕВН за постигнување на овие цели. „Министерството за економија како надлежно министерство за политиките во делот на енергетиката, и во иднина ќе продолжи да поддржува активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност, со цел реализација на зацртаните цели за учеството на обновливите извори на енергија утврдени во стратешките документи во насока на постигнување на национална цел за заштеда на енергија“ рече Бектеши.

Овој проект се реализираше во рамки на стратегијата за производство на „Зелена енергија“ од страна на Владата. Г. Зоран Заев, Премиер на РСМ, ги истакна стратегиите на Владата за контуиниран развој на секторот за енергетика, а особено делот за обновливи извори на електрична енергија. „Ми претставува чест и задоволство што денес сме тука на промоцијата на првата фотонапонска централа на ЕВН Македонија. Честитки за оваа инвестиција, за овој успешно реализиран проект во рамки на јавниот повик на Министерството за економија. Сончевата енергија ја имаме во изобилство, ние сме земја со 280 сончеви денови годишно и најквалитетен „пик на сончева енергија“.“ рече г. Заев. Бифацијалната фотонапонска централа на ЕВН Македонија во Неготино е составена од 4416 панели со моќност од 335 W, односно инсталирана моќност од 1479 кW и има капацитет од 2,1 GWh за годишно производство на електрична енергија од обновливи извори на електрична енергија. ЕВН е општествено одговорна компанија која во континуитет презема конкретни чекори за заштита на животната средина. Веќе 15 години ЕВН инвестира во градење на хидроелектрани со цел производство на електрична енергија од обновливи извори, паралелно со масовни кампањи за енергетска ефикасност низ целата земја.

 

Линкови

ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје
ул. Лазар Личеноски 11
Скопје 1000 Северна Македонија
тел. +389 (0)2 3205 000